Зеленски: Го цениме тоа што Словачка помогна во деблокирање на пакетот за поддршка на ЕУ
Русија продолжува со интензивни напади низ Украина. Нови експлозии одекнаа во Одеса и Суми, најмалку три лица загинаа. Во вакви услови на ескалација, Зеленски соопшти дека имал телефонски разговор со словачкиот премиер Роберт Фицо за можна средба и за натамошна соработка околу европската поддршка и санкциите против Русија...

Русија продолжува со интензивни напади низ Украина. Нови експлозии одекнаа во Одеса и Суми, при што загинаа најмалку три лица, а над 20 се ранети. Украинските сили возвратија со напади врз руски танкери во Црно Море.
Во вакви услови на ескалација, претседателот Володимир Зеленски соопшти дека имал телефонски разговор со словачкиот премиер Роберт Фицо за можна средба и за натамошна соработка околу европската поддршка и санкциите против Русија, оценувајќи дека Словачка помогнала во деблокирање на пакетите од Европската унија и дека, и покрај разликите, двете земји треба да одржуваат силни билатерални односи.
„Имав добар разговор со премиерот Фицо. Го цениме тоа што Словачка помогна во деблокирање на пакетот за поддршка на Европската унија и санкциите против Русија. Треба да имаме силни билатерални односи, дури и кога има разлики во мислењата. Разговаравме и за можност за средби и работа на меѓувладино ниво“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
