Зачестени шумски пожари во североистокот од земјава, дел се сомнителни
Изминатиов период зачестени шумски пожари во североистокот. Надлежните ќе истражуваат дали се подметнати. Истите се на тешко пристапни локации, каде веќе имало исечени дрвја.

Со растот на температурите почна и сезоната на шумски пожари во североистокот. Противпожарните екипи од Куманово и Старо Нагоричане, со помош на вработени од Македонски шуми, за само неколку дена интервенираа во липковскиот и козјачкиот регион. Се гаснеше на тешко пристапни локации. Она што загрижува е сомнежот дека дел од нив можеби не се случајни. Некои од пожарите следат по заплена на поголема количина огревно дрво. На дел од локациите каде што избувнале пожарите претходно биле забележани исечени дрвја.
„Се појавува сомнеж дека можеби оние што работат со дрва без разлика дали се дрвокрадци или легални работници во шума, можеби на овој начин би сакале да прикријат одредени траги. Јас давам ветување дека не само јас туку и сите институции максимално ќе се вложиме во откривање на сето она што евентуално се случувало на терен“, истакна Кире Михаилов, заменик-директор ЈП „Македонски шуми“.
Во пожарот во липковска Отља изгоре околу десет хектари борова шума стара околу 40 години. Иста површина беше зафатени и во село Арбанашко во Старо Нагоричане.
„Апелираме до граѓаните да внимаваат кога се движат, поминуваат низ шумските предели, вегетацијата не е многу голема бидејќи немаше многу дождови сепак и ниската трева може да направи проблем“, дополни Далибор Трајковски, командир ТППЕ Старо Нагоричане.
Од оваа општина информираат и за пад на бројот на пожари, во однос на минатата година за околу пет отсто.
Податоците сепак покажуваат намалување на бројот на шумски пожари. Доколку во 2024 година беа евидентирани дури 250, минатата година заврши со 178, покажува статистиката на Македонски шуми.
Елена Георгиевска
