Србија воведува нови мерки за излез од кризата

19.09.2014 11:11

Српскиот премиер најави раст во економијата во идната година и излез од кризата во 2016 година...

Српскиот премиер Александар Вучиќ синоќа објави економски мерки за заздравување меѓу кои се намалување на платите и пензиите поголеми од 25.000 динари (211 евра), остра борба против сивата економија, отпуштање вишок вработени во администрацијата, намалување на субвенциите во јавни претпријатија и јакнење на приватниот сектор.

Тој најави раст во економијата во идната година и излез од кризата во 2016 година.

Граѓаните со најниски плати и пензии ќе бидат поштедени од намалување, а тоа се однесува на вработените во јавниот сектор со плати пониски од 25.000 динари и за пензионерите кои примаат толкави пензии.

„Тоа се најсиромашниот дел. Тешко дека ќе можат да ги платат сите сметки ако ги намалиме нивните примања. Најверојатно за останатите ќе се примени линеарно намалување од 10 или 10,5 отсто“, изјави Вучиќ за државната телевизија.