Земјоделство

Пролетниот мраз и ниските температури им наштетија на овоштарниците

03.05.2026 15:48

Невообичаено студеното време во мај им зададе сериозен удар на земјоделците. Наглиот пад на температурите, проследен со утрински мраз, ги уништи посевите во повеќе региони низ земјава. Наместо пролетни услови, нивите осамнаа под студ што ги оштети овошките и раноградинарските култури. Земјоделците алармираат за големи загуби.

Цветот на овошките кој значеше надеж за сезоната, егзистенција за овоштарите, храна за сите нас изутрината го изеде пролетниот студ. По дводневна борба на овоштарите со природата, климатските промени и оваа година не ги поштедија. Најпогодени се источните и централните делови, а најниска температура од минус 4 степени е измерена во Берово.

Ниските температури проследени со снег не ги заобиколија ниту овоштарите од Преспанскиот крај.

А во Повардарието покрај дел од овошките настрадаа и некои лозови насади.

Неизвесноста продолжува, се очекува најкритично да биде во овоштарските региони во источниот и во централниот дел, каде што температурата и утре наутро се прогнозира дека повторно ќе се спушти до околу -3°C, според најавата на агрометеоролозите од УХМР.

„Во овие региони овошните насади се во чувствителна фаза на цветање, прецветување и формирање на млади плодови. Кај праската, кајсијата, црешата и вишната веќе имаат формирани плодови, кои се особено чувствителни на температури под -2°C, додека кај јаболката и сливите е во тек цветање и почетен развој на плодот. Поради ваквите услови можна е појава на оштетувања кај цветовите и младите плодови, особено во котлините и ниските места каде што студениот воздух се задржува подолго време“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Земјоделците очекуваат поддршка. При временски непогоди вообичаено се формираат локални комисии за проценка на штета.

Александра Велинова