САД ја почнуваат операцијата за ослободување на бродовите заглавени во Ормускиот теснец
Соединетите Американски Држави ја почнуваат операцијата за ослободување на бродовите заглавени во Ормускиот теснец. Трамп ја опиша акцијата како хуманитарен гест чија единствена цел е да им помогне на неутралните земји кои не учествуваат во војната на САД и Израел против Иран. Во исто време шефот на Белата куќа објави дека разговорите со Иран се движат во позитивна насока...

Преку „Проектот Слобода“ претседателот Трамп ја почнува американска операција за извлекување на заглавени трговски бродови во Ормускиот теснец. Во акцијата се вклучени 15.000 лица, разурнувачи и повеќе од 100 авиони. Од почетокот на војната со Иран, околу 20.000 морнари останаа заробени во водите на Заливот. Постои загриженост за намалувањето на залихите и ефектите врз физичкото и менталното здравје на морнарите.
„Ова се бродови од области на светот кои на никаков начин не се вклучени во она што моментално се случува на Блискиот Исток. Движењето на бродовите има за цел само да ослободи луѓе, компании и земји кои не направиле апсолутно ништо лошо – тие се жртви на околностите. Ова е хуманитарен гест во име на САД, земјите од Блискиот Исток, но особено на земјата Иран. Доколку, на кој било начин, се попречи овој хуманитарен процес, за жал, ќе мора интервенираме енергично“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Претходно, Шефот на Белата Куќа, објави план за повторно отворање на теснецот во устието на Персискиот Залив, каде што обично поминува околу една петтина од светската нафта, природен гас и ѓубриво кое во моментов им е повеќе од потребно на земјоделците. Трамп тврди дека водат позитивни разговори со Иран, откако портпаролот на иранското МНР изјави дека одговорот на САД на предлогот на Техеран за прекин на војната му е пренесен на Пакистан.
„Нашиот план е фокусиран исклучиво на завршување на војната. Точките споменати за деталите во нуклеарната област апсолутно не се вклучени. Овој план се базира прво на изготвување на договор за завршување на војната, а потоа на дискусија за тоа како да се спроведе во период од 30 дена“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на МНР на Иран.
Во исто време, секретатор за финансии пред претстојната средба Трамп – Џјипјинг која беше презакажана од април во мај поради војната со Иран, обвини дека Пекинг го финансира Техеран преку купување нафта.
„Иран беше најголемиот спонзор на тероризмот. Претседателот Трамп го направи светот безбеден. Тој рече дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Тие мора да го предадат својот збогатен ураниум. Кина ги финансира со купувања на енергија. И ние ги охрабруваме да не го прават тоа“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Иран негира дека се стреми кон нуклеарна бомба и вели дека неговата програма е само за мирни цели, иако земјата е единствената држава без нуклеарно оружје што има збогатен ураниум на ниво близу до ниво на оружје.
Маријана Димовска
