Блиски Исток

Тензиите растат по акцијата на САД во Ормускиот теснец

04.05.2026 15:25

Соединетите американски држави ја почнаа операцијата за ослободување на бродовите заглавени во Ормускиот теснец. Трамп ја опиша акцијата како хуманитарен гест чија единствена цел е да им помогне на неутралните земји кои не учествуваат во војната. Европа го поздрави потегот на Вашингтон. Техеран се закани дека ќе возврати на секој обид за агресија и побара бродовите да се координираат со нов.

Преку „Проектот Слобода“ претседателот Трамп ја почна американска операција за извлекување на заглавени трговски бродови во Ормускиот теснец. САД воспоставија безбедносна зона јужно од вообичаените бродски рути и ги повикаа морнарите да се координираат со властите на Оман. Воената команда на Техеран соопшти дека ќе возвратат на сите агресивни дејствија, а бродовите што минуваат низ протокот мора да се координираат со нив. 20.000 морнари се блокирани од почетокот на војната.

„Движењето на бродовите има за цел само да ослободи луѓе, компании и земји кои не направиле апсолутно ништо лошо – тие се жртви на околностите. Доколку, на кој било начин, се попречи овој хуманитарен процес, за жал, ќе мора интервенираме енергично“ – објава на претседателот на САД – Доналд Трамп.

„Поддржувачите на злонамерните Соединети Држави треба да бидат претпазливи и да избегнуваат дејствија што би довеле до неповратно жалење. Секој агресивен потег на САД за нарушување на моменталната ситуација само дополнително ќе ги комплицира работите и ќе ја загрози безбедноста на бродовите во оваа област“, изјави Ген. Али Абдолахи – командант на Централниот штаб на Хатам ал-Анбија.

Европските челници го поздравија потегот на САД.

„Доколку САД сакаат и се подготвени повторно да го отворат Ормускиот теснец, тоа е одлично. Тоа е она што го бараме од самиот почеток. Сепак, нема да учествуваме во никаква насилна операција во рамка која, според мене, не изгледа јасна“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

„Се што води кон ублажување на блокадата е добредојдено. Од суштинско значење е Ормускиот теснец да се отвори за светската економија и за сите луѓе од тој регион“, изјави Мајкл Мартин – премиер на Ирска.

Во исто време, Техеран го разгледува одговорот на САД на својот последен предлог за прекин на војната кој содржи 14 точки. Иран бара од САД да ги укинат санкциите, да ја прекинат поморската блокада, да ги повлечат силите од регионот и да ги прекинат сите непријателства, вклучително и израелските операции во Либан. Во предложеното не се споменуваат нуклеарните амбиции на Исламската Република.

„Можете да претпоставите дека САД не се навикнати да ги напуштат своите прекумерни барања и неразумни очекувања. Затоа, сè уште се справуваме со страна која постојано ги менува своите ставови и покренува прашања што, во пракса, можат да го нарушат секој дипломатски процес“, изјави Есмаил Багаеи – портпарол на МНР на Иран.

Иран негира дека се стреми кон нуклеарна бомба и вели дека програмата е само за мирни цели, иако земјата е единствената држава без нуклеарно оружје што има збогатен ураниум на ниво на оружје.

Маријана Димовска