8. Самит на Европската политичка заедница
Во време на нови безбедносни и економски потреси во Европа – Самит на лидерите во Ерменија. Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова е таму. Се бараат одговори за војните, кризите и иднината на континентот.

Осмиот самит на Европската политичка заедница во Ереван во сенка на предизвиците со кои се бори европската економија откако американската администрација наметна царините од 25 проценти за автоиндустријата. 40 шефови на држави и влади во Ереван ќе бараат решенија за предизвиците со кои се соочува стариот континент по војните во Украина и во Иран. Во фокусот безбедноста, отпорноста и поврзаноста на Европа во контекст на новите геополитички интереси.
„Овој самит е важен и за меѓународниот контекст, особено кога светот се соочува со растечки повеќекратни предизвици од Украина до блискиот исток. Се осмелувам да се надевам дека како резултат на нашите дискусии и одлуки, овој самит би можел да биде историски и за меѓународниот мир и стабилност“, изјави Никола Пашенијан – премиер на Ерменија.
„Геополитичката состојба во Европа сè уште се наоѓа во тековната руска агресија против Украина, а конфликтот на блискиот исток покажува дека на нашиот континент му е потребна визија за безбедноста од 360 степен.и“, изјави Антонио Кошта – претседател на Европскиот совет.
Неизбежна тема на самитот е и руската агресија во Украина и дополнителната поддршка за Киев.
„Војната на Русија против Украина и Европа продолжува со истиот интензитет како и претходно, ова лето ќе биде моментот кога Путин ќе реши што следно ќе направи. Дали ќе ја прошири војната или ќе премине на дипломатија, ние мораме да го туркаме кон дипломати. Затоа мора да го задржиме притисокот преку санкции“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
На самитот кој се одржува под мотото „градејќи иднина, единство и стабилност во Европа учествува и македонската претседателка Сиљановска-Давкова. Предвидено е таа да земе учество и на тркалезната маса „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“, со која ќе претседаваат премиерите на Хрватска и на Норвешка, Пленковиќ и Шторе. Во рамките на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари и билатерална средба со претседателот на Република Ерменија.
Маја Стојанова
