Турски инвеститор заинтересиран за изградба на хотели во Македонија

19.09.2014 13:34

Директорот на компанијата „Девели Груп“, Деха Девели, ја разгледува можноста за инвестирање во Република Македонија.Компанијата работи во повеќе бизниси од сферата на туризмот, градежништвото и земјоделието...

Привршува владиното роуд шоу, предводено од премиерот Никола Груевски во Турција. Премиерот ги објасни поволностите за отворање бизнис во Македонија на бизнис форумот во Мерсин. Досега владината делегација оствари средби со над 50-тина турски компании.

Се најавуваат нови инвестиции во туризмот. Турски инвеститор е заинтересиран за изградба на хотели.

Директорот на компанијата „Девели Груп“, Деха Девели, ја разгледува можноста за инвестирање во Република Македонија.  Компанијата работи во повеќе бизниси од сферата на туризмот, градежништвото и земјоделието, а Девели изјави дека инвестирањето во Македонија е исплатливо.

„Многу лесно се стигнува до властите и можете да ги контактирате и да комуницирате со нив и може да ви помогнат. Планираме да инвестираме во туризмот, можеме да изградиме неколку хотели, можеме да носиме туристи од тука во Македонија и обратно”, изјави Деха Девели.

Груевски им порача на турските инвеститори кои размислуваат за нивно проширување и за инвестиции надвор од Турција, кои бараат пазари кои нудат ниски трошоци за правење на бизнис и добро образована работна сила, пазари кои што се поблиски до Европа и имаат одлична бизнис клима, дека во Македонија ќе го најдат тоа и ќе најдат влада која е пријателски расположена кон бизнисот.

„Ние сме една од ретките влади којшто посветува огромно внимание на бизнисот“, нагласи Груевски пред бизнисмените во Мерсин.