Предупредување од МВР: Измамнички СМС пораки за лажни сообраќајни казни
Министерството за внатрешни работи алармира за зачестени измами преку СМС пораки со лажни казни за сообраќајни прекршоци, при што од граѓаните се бара внесување лични и банкарски податоци.
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи информира дека во изминативе денови е забележана зачестена појава на измамнички пораки испратени до македонски граѓани.
Станува збор за СМС пораки кои пристигнуваат од странски телефонски број, во кои се тврди дека примачот направил сообраќаен прекршок и треба да плати парична казна. Во пораките се доставува и линк до лажна веб-страница што наликува на официјалната страница на МВР.
Откако корисниците ќе кликнат на линкот, се пренасочуваат на страница каде се бара внесување на регистарската табличка, а потоа им се прикажува наводен прекршок и барање за уплата од 1.500 денари со платежна картичка.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат внимателни, да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат лични податоци или податоци од платежни картички на непроверени веб-страници.
Надлежните предупредуваат дека ваквите податоци може да бидат злоупотребени и повикуваат граѓаните и правните субјекти да ги игнорираат пораките што доаѓаат од непознати и неверификувани испраќачи.
