Нов раст на цените на горивата, Владата со мерки
Регулаторната комисија донесе одлука за зголемување на цените на горивата за 3,47 проценти, како резултат на растот на цените на светските пазари. И покрај поскапувањето, Владата најавува дека ќе продолжат мерките за ублажување на ценовниот притисок, вклучително и попустите кои важат до 18 мај...

Нова цена на горивата. Регулаторна одлучи цените да се зголемат за 3,47%. Според образложението, референтните цени на светските пазари бележат раст кај сите нафтени деривати, и тоа кај бензините за 5,324%, кај дизелот за 2,817%, кај екстра лесното масло за 3,394% и кај мазутот за 8,305%. Во истиот период е забележано и зголемување на курсот на денарот во однос на доларот.
Во меѓувреме, според премиерот, за најмалку една компанија има индиции дека вршела реекспорт на нафта во соседството. Рече дека тоа се проверува и институциите ќе кажат кога ќе имаат точни информации.
„Граѓаните од соседните држави ја зголемија потрошувачката на бензинските станици во Македонија, во одредени денови за 30 проценти. Ние сме горди што можеме да влијаеме за подобар стандард на граѓаните на соседните држави, меѓу коишто се Србија, Косово, Албанија и Грција, и делумно Бугарија. Како држава сме фактор на стабилност и продолжуваме со политика која ќе значи подобар стандард за граѓаните. Остануваме на намалените акцизи за бензините и за дизел горивата, остануваме на намаленото ДДВ за бензините и остануваме со убедливо најниска цена на бензините и дизел горивата во регионот“, изјави Мицкоски.
Паралелно, продолжува попустот на горивата до 18 мај и тоа два денара за бензините и три денари за литар гориво, со цел ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и бизнисите.
Намалувањето на ДДВ-то и на акцизите остануваат, велат од Владата. Ако има сериозна потреба, ќе се интервенира со дополнителни мерки.
На светските пазари се чувствува неизвесност. Цената на суровата нафта повторно доживеа скок и надмина 109 долари за барел, и покрај најавата од Вашингтон за воена операција за деблокада на Ормускиот теснец.
.
Борис Грујоски
