Мицкоски: Владата останува отворена за дијалог со Бугарија, но не по цена на македонскиот идентитет
Премиерот Мицкоски порача дека Владата нема да отстапи од „црвените линии“ кога станува збор за македонскиот идентитет во односите и преговорите со Бугарија. Тој нагласи дека идентитетските прашања се темел на државната позиција и нема простор за компромис „ниту милиметар“. Не очекува промена во ставовите на официјална Софија, дури и по најавите за формирање стабилна влада во земјата.

„Ќе сториме сè идеалите на великанот Гоце Делев, неговата борба за самостојна и слободна Македонија да останат вечни. За жал некои членки на ЕУ сè уште не ги почитуваат вредностите за кои тој се борел“ – вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Тој не очекува подобрување на односите со источниот сосед по промената на државниот врв, напротив од официјална Софија очекува засилена реторика која има поддршка од внатрешни структури кои, како што вели премиерот, коленичат пред бугарските власти.
Мицкоски додава дека Владата останува отворена за дијалог со Бугарија, но не по цена на македонскиот идентитет.
За лидерот на СДСМ, името на Гоце Делчев се злоупотребува од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче негира каква било поврзаност и одговорност за влошените односи со Бугарија.
Вели, Европската унија јасно ставила до знаење дека без уставните измени, нема почеток на преговарачкиот процес. Како свој придонес во надминување на спорот, Филипче потсети на предлог-резолуцијата, која ниту една партија не ја прифати.
Според СДСМ, внесот на Бугарите во највисокиот државен акт нема негативно да се одрази на македонскиот идентитет.
Владата, пак, останува цврсто на ставот без силни гаранции од ЕУ за ново бугарско вето – нема уставни измени.
Марина Стојанова-Тонева
