Македонија

Митко Чавков од денес на условна слобода

04.05.2026 18:31

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, од денес е на слобода откако беше пуштен на условен отпуст од затворот во Штип. Тој доби највисока казна за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“, 16 години и до сега одлежа половина од казната.

Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков излезе од затвор, каде издржуваше казна за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.

Во тој период тој извршуваше висока функција во Министерството за внатрешни работи и беше опфатен со обвинението во делот на организацијата и реакцијата на безбедносните служби за време на настаните. Во штипскиот затвор беше околу пет години.

Чавков беше осуден на 16-годишна затворска казна, највисока за делото за кое се судеше. До сега одлежа половина од казната. До крајот на изречената казна, во наредните осум години тој е на условна слобода, што значи дека не смее да стори ново кривично дело и редовно да се јавува кај надзорен орган.

Во КПУ Штип за настаните на 27-ми април, затворска казна издржуваа седум лица и сите се пуштени на условен отпуст, откако се исполнети условите за тоа, односно одлежале половина од казната.

Славица Величковска