Екстрадицијата на поранешниот премиер Груевски и денеска тема меѓу партиите
Според лидерот на СДСМ, Филипче станува збор за политички договор во рамките на владејачката коалиција. Од партијата повикаа дека поранешниот премиер Никола Груевски мора да одговара пред законот.

Министерот Филков од ЗНАМ е поставен на функцијата со политичка цел, неговото именување е дел од однапред подготвено сценарио, со намера, ВМРО-ДПМНЕ директно да не ја преземе одговорноста во евентуална постапка поврзана со Никола Груевски, обвинуваат од опозициската СДСМ.
Според лидерот на СДСМ, Филипче станува збор за политички договор во рамките на владејачката коалиција. Од партијата повикаа дека поранешниот премиер Никола Груевски мора да одговара пред законот, обвинувајќи дека тој и од позиција на бегство продолжува да влијае врз институциите во државата.
Премиерот Мицкоски, пак, изјави дека ставот на владата во однос на владеењето на правото останува непроменет, коментирајќи ги последните реакции поврзани со статусот на Никола Груевски и рече дека секој кој е соочен пред правосудните органи, има права согласно законите.
Во однос на прозивките од опозицијата, Министерството за правда со реакција.
„Министерството за правда постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори. Во однос на случајот со Никола Груевски, се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура. Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив. Нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации“, велат во Министерството за правда.
Игор Панов
