Блиски Исток

Продолжува битката за Ормускиот теснец

05.05.2026 08:43

Претседателот Трамп тврди дека САД погодиле седум ирански брзи чамци откако ветија дека ќе им помогнат на заглавените бродови да излезат од Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа го нарече конфликтот со Иран мини-војна која се одвива многу добро...

Не стивнуваат тензиите на Блискиот Исток. Претседателот Трамп тврди дека САД погодиле седум ирански брзи чамци откако ветија дека ќе им помогнат на заглавените бродови да излезат од Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа го нарече конфликтот со Иран мини-војна која се одвива многу добро.

„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Достигнавме нови максимуми. И реков дека мора да се грижиме за бизнисот бидејќи тоа не може да се случи. Па направивме мало заобиколување и функционира многу добро. Тие немаат морнарица, воздухопловни сили, немаат противвоздушна опрема. Немаат радар. Немаат ништо. Всушност, немаат лидери. Лидерите случајно ги нема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Иранската револуционерна гарда тврди дека ја има контролата врз Ормускиот теснец, а бродовите што сакаат да поминат низ него прво мора да добијат дозвола од иранските вооружени сили за да се осигури нивната безбедност.

„Во оваа област, секој брод што сака да помине, мора да го стори тоа со дозвола од вооружените сили на Исламската Република за да биде безбеден. Со секој брод што му припаѓа на непријателот и се обидува да помине ќе се постапи решително“, изјави Јадолах Џавани, политички заменик на Иранската револуционерна гарда.

Од друга страна, ОАЕ вели дека се брани од напади со ракети и беспилотни летала од Иран. Напад со дронови предизвика голем пожар во најголемото нафтено пристаниште.