Блиски Исток

Тензиите на Блискиот Исток одново се разгоруваат

05.05.2026 11:09

Кревкото примирје на Блискиот Исток пред сериозен тест. Трамп вчера го почна „Проектот слобода“ во Ормускиот теснец што доведе до судири меѓу американските и иранските сили. Ракети и дронови завршија во Обединетите Арапски Емирати. Техеран тврди дека го контролира протокот и објави дека нема воено решение за политичка криза. Новите напади одново ја зголемија цената на нафтата на светските берзи.

Тензиите на Блискиот Исток одново се разгоруваат. Претседателот Трамп вели дека САД погодиле седум ирански брзи чамци во Ормускиот теснец, додека преку „Проектот слобода“ се обидува да ослободи околу две илјади заглавените бродови надвор од Заливот. Шефот на Белата куќа го нарече конфликтот со Иран мини-војна која се одвива многу добро.

„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Достигнавме нови максимуми. Направивме мало заобиколување и функционира многу добро. Тие немаат морнарица, воздухопловни сили, немаат противвоздушна опрема. Немаат радар. Немаат ништо. Всушност, немаат лидери. Лидерите случајно ги нема“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Иран инсистира дека го контролира теснецот и побара сите бродови што сакаат да поминат, да побараат дозвола од вооружените сили. Сепак САД објавија дека два трговски брода под американско знаме успешно го поминале протокот. Јужна Кореја и Емиратите пријавија штета на комерцијални бродови, додека наводен ирански напад предизвика пожар во складиште за нафта во Фуџаира, за што Техеран негираше вмешаност.

„Во оваа област, секој брод што сака да помине, мора да го стори тоа со дозвола од вооружените сили на Исламската Република за да биде безбеден. Со секој брод што му припаѓа на непријателот и се обидува да помине ќе се постапи решително“, изјави Јадолах Џавани – политички заменик на Иранската револуционерна гарда.

Иранското МНР објави дека неодамнешните настани во стратешкиот воден пат потврдуваат дека нема воено решение за политичка криза. Новите напади одново ја зголемија цената на нафтата на светските берзи. ММФ предупредува дека инфлацијата веќе расте и дека глобалната економија може да се соочи со значително полош исход доколку конфликтот продолжи до 2027 година.

 

Маријана Димовска