Економија

УЈП: Над 860 илјади граѓани добија однапред пополнети даночни пријави

05.05.2026 11:43

Управа за јавни приходи информира дека 862.896 граѓани добиле годишни даночни пријави за 2025 година, кои треба да ги прегледаат и потврдат најдоцна до 31 мај.

Управата за јавни приходи соопшти дека до законскиот рок, 30 април 2026 година, ги креирала годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за приходите остварени во 2025 година, при што вкупно се изготвени 862.896 пријави.

Граѓаните за изготвените пријави ќе бидат известени преку профилите на системот „е-Даночни услуги“, како и преку апликацијата „МојДДВ“ или е-пошта. Секое физичко лице кое остварило доход има обврска да ја прегледа и потврди пријавата, а доколку има неточности, истата да ја коригира или дополни.

Рокот за потврдување или корекција е 31 мај 2026 година, по што непотврдените пријави ќе се сметаат за конечни. Од УЈП апелираат граѓаните кои сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“ тоа да го сторат што поскоро.

Доколку пријавата е коригирана, таа ќе биде разгледана и одобрена од службено лице, а во спротивно ќе биде донесено решение за утврдување на данокот. За обврзниците со повеќе платен данок, постои можност за барање поврат, додека за оние со обврска за доплата ќе биде генериран налог по истекот на рокот.

Дополнително, од УЈП потсетуваат дека лицата кои во 2025 година оствариле приход над 2 милиона денари по одредени основи, имаат обврска да се регистрираат како ДДВ обврзници.