Македонија

Одбележан Денот на македонскиот јазик

05.05.2026 18:17

„Јазикот е нашата татковина, сè додека го чуваме, негуваме и вардиме ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината“ – овие зборови на великанот Блаже Конески и денес силно одекнуваат, особено кога го одбележуваме Денот на македонскиот јазик. А, предизвици има и ќе има.

Денес го славиме македонскиот јазик. Нашата единствена татковина, најголемиот и најсигурен штит на еден народ. Напишани милиони страници, преводи, љубовни писма и пораки … Од Институтот за македонски јазик испратија порака до најмладите: да пишуваме со кирилица, како што пишуваат нашите родители, баби и дедовци, како што пишувале нашите борци за слобода.

Интересот за изучување на македонскиот јазик во последните дваесет години е непроменет. Околу 20-тина студенти годишно. Научните работници очекуваат конечно да почне да се применува Законот за употреба на македонскиот јазик.

„Таму има зацртано вработување лектори во сите државни институции и во медиумите, а како што е познато, студентите од нашата катедра имаат ексклузивно право да полагаат испит за лекторска лиценца и во таа смисла, кога ќе почне да се применува законот, ќе се зголемат и нивните шанси за вработување“, изјави проф. д-р Искра Пановска- Димкова, шеф на Катедра по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Кирилицата е нашето богатство и културно наследство што не прави препознатливи, различни и единствени во Европа и во светот.

Наша задача е само со еден клик на тастатурата да се одлучиме за кирилица и да твориме на македонски јазик.

Александра Спировска