Заострува реториката за односите со Бугарија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче е заслепен и не може да види што се случува од 2022 година наваму во односите со Бугарија, кога беше прифатена историска капитулација. Премиерот Мицкоски со жестоки обвинувања кон опозицијата дека не застанала рамо до рамо со власта во одбрана на националните интереси.

Релациите Скопје – Софија, камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. За премиерот Мицкоски последната изјава на лидерот на СДСМ, Филипче кој рече дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет, е доказ дека тој замижува пред случувањата од 2022 година, кога со прифати обврската за промена на уставот.
Наместо да застанат рамо до рамо со владата за заштита на македонските интереси, коленичат пред туѓите, обвини премиерот.
Филипче со контраобвинувања до Мицкоски дека создава паника и лажно го брани идентитетот, за да има изговор зошто не ги спроведува реформите кои ги бара Брисел. Лидерот на социјалдемократите предупредуваат дека иако во Бугарија не е формирана влада, Мицкоски веќе најавил оти ќе ги заостри односите со Софија.
Малцинствата во Уставот не се бугарско туку европско прашање, смета Филипче според кој уставните измени нема да го загрозат македонскиот идентитет. Владата пак, останува отворена за дијалог со источниот сосед, но не по цена на македонскиот идентитет, посочува Мицкоски, кој не очекува подобрување на односите меѓу двете земји.
Викторија Милевска
