Кривичен суд

Условни казни за тројца полицајци за „Пулс“

05.05.2026 17:02

Паднаа првите пресуди за трагедијата во кочанската дискотека. Тројцата полицајци, обвинети дека казните за прекршоци ги пишувале на непостоечката фирма на газдата на „Пулс“ добија условни казни. Не се појавија во судот да ја слушнат пресудата. Ова е прва од трите групи полициски службеници – се гонат уште 22-ца.

Условни казни за тројцата полициски службеници, кои беа обвинети за злоупотреба на службената положба во случајот со кочански „Пулс“. Кире Богатинов и Горан Лазаров добија условни казни од по една година, а нивниот колега Александар Темелков од две.

Кривичниот суд во Скопје ги прогласи за виновни зашто не ја извршиле службената должност при вршење на контролите во пулс, не постапиле согласно пропишаните правила, а во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице, односно казните ги пишувале на непостоечката фирма на газдата на „Пулс“. Ниту тие, ниту нивните бранители, не присуствуваа на изрекувањето на пресудата.

Ова се првите првостепени пресуди за полициски службеници во случајот пулс, за една од трите групи на обвиненија.

За останатите 22-ца, во тек се две одвоени судски постапки, согласно две различни обвиненија.

 

Марија Котовска