Забрзано се работи на исполнување на реформската агенда, уверува Сали
Вицепремиерот Сали уверува дека забрзано се работи на исполнување на реформската агенда до крајот на јуни, за да се искористат европските пари. Планот е да се конкурира и за средства што може да ги загубат соседните држави. Бизнисот бара решение за тарифите за извозот на челик.

Од 750 милиони евра, Македонија искористила само 112 милиони од Планот за раст на ЕУ. Со забрзани реформи до јуни, целта е да биде меѓу трите земји од Западен Балкан на кои Европската комисија нема да им ги укине средствата, а дополнително ќе може да конкурира со проекти за загубените 3,3 милијарди евра од Србија, Косово и од БиХ, откри министерот за европски прашања, Беким Сали.
Иако две точки од реформската агенда нема да бидат исполнети до крајот на јуни од оправдани причини, се преговара со Европската комисија да се заменат со други точки.
Министерот признава дека тешко одат преговорите со Европската комисија која го штити сопственото производство на челик со 50 проценти намален извоз и зголемени царини за производителите надвор од ЕУ.
Со воведувањето на системот за влез и излез, 13.000 македонски професионални превозници ќе добијат долгорочни визи.
Ирина Гелевска
