Растат тензиите во Ормускиот теснец
Безбедносната состојба на блискиот исток драматично се влошува. Трамп го турка „Проектот слобода“, во Ормускиот теснец судири меѓу американските и иранските сили. Техеран ги предупреди САД и Емиратите, каде претходно изврши напад – нема воено решение за политичката криза.

Ден откако тензиите во Ормускиот теснец се зголемија по операцијата „Проектот слобода“, во која беа погодени седум ирански брзи чамци, американскиот министер за одбрана изјави дека операцијата продолжува, а прекинот на огнот и натаму е на сила. САД не бараат конфликт, но нема да дозволат блокада на меѓународниот поморски сообраќај.
„Прекинот на огнот не е завршен. Ова е посебна и одвоена операција. Иран се обидува да врши меѓународна изнуда во Ормускиот теснец, но тоа завршува со Проектот Слобода. САД не бараат борба, но на Иран не може да му се дозволи да го блокира меѓународниот воден пат“, изјави Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.
Началникот на здружениот генералштаб на САД изјави дека се подготвени и за пошироки воени операции доколку добијат таква наредба.
„Комерцијалните бродови ќе можат да ја видат, слушнат и почувствуваат борбената моќ на САД. Нашата воздржаност не треба да се меша со недостаток на решителност“, истакна Ден Кејн, началник на здружениот генералштаб на САД.
Трамп конфликтот со Иран го нарече „мини-војна“, која се одвива успешно.
„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Достигнавме нови максимуми. Направивме мало заобиколување и функционира многу добро“, дециден e американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иран инсистира дека го контролира теснецот и бара сите бродови да добијат дозвола за премин, додека САД тврдат дека два американски комерцијални брода веќе безбедно поминале, што според Вашингтон покажува дека водниот пат е „чист“.
„Во оваа област, секој брод што сака да помине, мора да го стори тоа со дозвола од вооружените сили на Исламската Република за да биде безбеден“, изјави Јадолах Џавани, политички заменик на Иранската револуционерна гарда.
Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати пријавија штета на комерцијални бродови, а ирански напад предизвика пожар во складиште за нафта во Фуџаира.
Бојана Крстевски
