Привремено стопирана американската операција „Проект слобода“ во Ормускиот теснец
Привремено стопирана американската операција „Проект слобода“ во Ормускиот теснец. Американскиот претседател Трамп тврди дека преговорите со Иран напредуваат, нагласувајќи дека постигнале голем воен успех.Иран, пак, паузирањето на операцијата го слави како своја победа...

САД привремено ја паузираат операцијата за движење на бродови низ Ормускиот теснец поради напредок во преговорите со Иран, на барање на Пакистан. „Проектот Слобода“ се стопира, но поморската блокада останува – објави Трамп, додавајќи дека постигнале голем воен успех.
„Никој нема да ја оспори блокадата. Функционира многу добро. Не ми се допаѓа тоа што кога ќе разговараат со мене, потоа на телевизија ќе речат: ’Не разговаравме‘. Тие играат игри, но сакаат да склучат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Изјавата доаѓа по оценката на државниот секретар Рубио дека воената операција против Иран е завршена и дека САД се фокусираат на слободна пловидба. Во исто време, Иран воведе нов режим за транзит низ Ормускиот теснец со забрана за бродови поврзани со Израел, САД и други „непријателски земји“ додека одлуката на Вашингтон ја оценија како победа. Во услови на блокирани преговори, иранскиот претседател Пезешкијан изјави дека САД поставуваат „нереални и неспроведливи“ барања, нагласувајќи дека Техеран ги отфрла еднострано наметнатите услови.
„Ние муслиманите веќе му се предадовме на Семоќниот и никој друг не може да нè натера да се предадеме“, објави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Во истовреме највисокиот ирански дипломат Арагчи е на разговори во Пекинг, неколку дена пред најавената посета на Трамп во Кина. Рубио изрази надеж дека Пекинг ќе изврши притисок врз Техеран да ги прекине активностите во теснецот.
„Се надевам дека Кинезите ќе му кажат што треба да му се каже. А тоа е дека она што го правите во теснецот предизвикува ваша глобална изолација. Вие сте негативците во ова. Не треба да разнесувате бродови и да ја држите глобалната економија како заложник“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати соопштија дека нивната воздушна одбрана пресретнува ракети и беспилотни летала од Иран, што предизвика меѓународни реакции.
„Повикуваме на прекин на непријателствата и враќање на дипломатските преговори. Ги осудувам нападите и повикувам на враќање на слободата на пловидба“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Техерн негира напади врз соседите.
„Вооружените сили не извршија никакви напади врз Обединетите Арапски Емирати. Доколку беа преземени вакви акции, тоа ќе го објавевме јасно. Извештаите се целосно неточни и лажни“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на воената команда „Хатам ал-Анбија“.
Неизвесно е како паузата ќе влијае врз безбедноста на енергетските рути и глобалната економија. Двете страни имаат предлози во преговорите, но постојат спорни точки што би можеле да го загрозат прекинот на огнот повеќе од престрелките во теснецот.
Бојана Крстевски
