Финансии

Европските институции со висока оценка за монетарната политика на Народната банка

06.05.2026 15:39

Европските институции ја оценија монетарната политика како целосно усогласена со препораките, истакнувајќи стабилност на девизниот курс, контролирана инфлација и отпорност на економијата.

Монетарната политика на Народната банка доби највисока оценка од европските институции, како целосно усогласена со нивните препораки, беше посочено на економско-финансискиот дијалог меѓу Европската Унија и земјите партнери, одржан во Брисел.

На дијалогот учествуваше вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, кој оцени дека ваквите признанија ја потврдуваат соодветната поставеност на монетарната политика, насочена кон одржување на ценовната стабилност и стабилен девизен курс, и покрај глобалната неизвесност.

Според него, домашната економија останува релативно отпорна, а Народната банка води претпазлива политика со фокус на намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања. Воедно, беше истакнато дека девизните резерви се на соодветно ниво, а банкарскиот систем е стабилен, ликвиден и добро капитализиран.

Величковски се осврна и на новата оперативна рамка на монетарната политика воведена во декември 2025 година, која има за цел подобар пренос на сигналите од основната каматна стапка и поголема ефикасност на мерките.

Во контекст на европската интеграција, беше посочено дека приклучувањето кон SEPA е значаен чекор кон финансиска интеграција, додека Народната банка продолжува со активности за унапредување на платежната инфраструктура, вклучително и преку воведување систем за инстант плаќања.