САД ја паузираат операцијата во Ормускиот теснец, блокадата останува
САД ја паузираат операцијата во Ормускиот теснец, но тензиите не стивнуваат – Трамп тврди дека има напредок во преговорите и воен успех, Техеран го оцени потегот како победа, додека Пезешкијан порача дека САД поставуваат „нереални“ барања и ги отфрла еднострано наметнатите услови.

САД привремено ја паузираат операцијата за движење на бродови низ Ормускиот теснец поради напредок во преговорите со Иран, по барање на Пакистан. „Проектот Слобода“ се стопира, но поморската блокада останува – објави Трамп, додавајќи дека постигнале голем воен успех.
„Никој нема да ја оспори блокадата. Функционира многу добро. Не ми се допаѓа тоа што кога ќе разговараат со мене, потоа на телевизија ќе речат: „Не разговаравме. Тие играат игри, но сакаат да склучат договор“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран го поздрави потегот како победа, тврдејќи дека Трамп „се повлекол“. Пезешкијан оцени дека САД поставуваат „нереални“ барања и ги отфрли еднострано наметнатите услови.
„Ние муслиманите веќе му се предадовме на семоќниот и никој друг не може да нè натера да се предадеме“, објави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Во истовреме највисокиот ирански дипломат Арагчи на разговори во Пекинг, неколку дена пред најавената посета на Трамп во Кина.
„Итно е потребен сеопфатен прекин на огнот, продолжувањето на непријателствата е неприфатливо и е особено важно да останеме посветени на дијалогот и на преговорите“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Рубио претходно изрази надеж дека Пекинг ќе изврши притисок врз Техеран да ги прекине активностите во теснецот.
„Она што го правите во теснецот предизвикува ваша глобална изолација. Вие сте негативците во ова. Не треба да разнесувате бродови и да ја држите глобалната економија како заложник“, нагласи Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати соопштија дека пресретнуваат ирански ракети и дронови што предизвика меѓународни реакции, додека Техеран ги негира нападите.
„Доколку беа преземени вакви акции, тоа ќе го објавевме јасно. Извештаите се целосно неточни и лажни“, рече Ебрахим Золфагари, портпарол на воената команда „Хатам ал-Анбија“.
„Повикуваме на прекин на непријателствата и враќање на дипломатските преговори. Ги осудувам нападите и повикувам на враќање на слободата на пловидба“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Останува неизвесно како паузата ќе влијае врз енергетските рути и глобалната економија додека во предлозите од двете страни во преговорите, остануваат спорни точки што би можеле да го загрозат примирјето.
Бојана Крстевски
