Институт за демократија: 80% од граѓаните се за влез на Македонија во ЕУ
Високиот процент за македонските евроинтеграции се должи пред се на довербата во Унијата како институција и очекувањата од придобивките со влезот во ЕУ, покажала анализата на Институтот за демократија...

Поддршката на граѓаните за европските интеграции на Република Македонија е висока. 80 насто од испитаниците, во анкетата на Институтот за демократија одговориле дека доколку идната недела има референдум за влез на државава во Унијата ќе гласаат за, а само 14 проценти се против.
Мнозинството испитаници, 63 насто, го подржуваат членството во ЕУ, доколку не треба да се направат отстапки за името. Една четвртина би ја дале таквата подршка и покрај промена на името. Високиот процент за македонските евроинтеграции се должи пред се на довербата во Унијата како институција и очекувањата од придобивките со влезот во ЕУ, покажала анализата на Институтот за демократија.
„Очекувањата дека ќе се подобри економската благосостојба, дека ќе се намали невработеноста, ќе се зголеми животниот стандард, е главниот фактор поради кој на Европската Унија и се дава поддршка“, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
Половина од испитаниците се со став дека Македонија целосно е подготвена за членство. Според анкетата на Институтот за демократија, безмалку секој втор испитаник смета дека најновиот извештај на Европската комисија ќе биде ист како лани, додека 28 проценти сметаат дека во него ќе се нотира напредок.
Попречувањето на интегративниот процес од соседните држави е главната пречка за влез на Република Македонија во Европската Унија, сметаат 59 насто од испитаниците. Ова е пораст од 12 проценти кога во март 2014-тата година тој процент бил 48 проценти.
Телефонската анкета е спроведена во периодот од 10-ти до 15-ти септември, на национален репрезентативен примерок од 1.002 испитаници, со статистичка грешка од плус-минус 3,1 процент.
Милчо Велески
