Техеран ги отфрла наметнатите услови на Вашингтон
САД ја паузираат операцијата во Ормускиот теснец, но тензиите не стивнуваат – Трамп тврди дека има напредок во преговорите и воен успех. Техеран ги отфрла еднострано наметнатите услови на Вашингтон. Иранскиот шеф на дипломатијата во посета на Кина, првпат од почетокот на војната. Средбата доаѓа пред најавениот состанок меѓу американскиот и кинескиот претседател.

САД привремено ја паузираат операцијата за движење на бродови низ Ормускиот теснец поради напредок во преговорите со Иран, на барање на Пакистан. Останува неизвесно што по „Проектот Слобода“ и како паузата ќе влијае врз енергетските рути и глобалната економија додека во предлозите од двете страни во преговорите, остануваат спорни точки што би можеле да го загрозат примирјето.
„Никој нема да ја оспори блокадата. Функционира многу добро. Не ми се допаѓа тоа што кога ќе разговараат со мене, потоа на телевизија ќе речат: „Не разговаравме. Тие играат игри, но сакаат да склучат договор“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Техеран го поздрави потегот како победа, тврдејќи дека Трамп „се повлекол“. Пезешкијан оцени дека САД поставуваат „нереални“ барања и ги отфрли еднострано наметнатите услови. Највисокиот ирански дипломат на разговори во Пекинг.
„Ги разгледавме сите актуелни прашања. Прашања поврзани со војната и како да се завршат преговорите што се во тек, прашања поврзани со нуклеарната програма и мирната природа на нуклеарните активности, прашања поврзани со санкциите и сите билатерални прашања. Беше дискутирано и прашањето за Ормутскиот теснец – што беше една од нашите сериозни теми на дискусија – и потребата од почитување на правата на Исламската Република Иран“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Рубио изрази надеж дека Пекинг ќе изврши притисок врз Техеран да ги прекине активностите во теснецот.
„Она што го правите во теснецот предизвикува ваша глобална изолација. Вие сте негативците во ова. Не треба да разнесувате бродови и да ја држите глобалната економија како заложник“, порача американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати соопштија дека пресретнуваат ирански ракети и дронови што предизвика меѓународни реакции, додека Техеран ги негира нападите.
Маријана Димовска
