Случај „Пулс“

Обвинителството презентираше докази од увидот во „Пулс“

06.05.2026 16:46

Претставени материјални докази за кочанската трагедија – пронајдени уреди за активирање на пиротехниката во „Пулс“. Родителите гневни од првостепената условна осуда на тројцата полицајци. Велат, системот ги штити своите.

Пред судот презентирани видеа и фотодокументација кои ја покажуваат состојбата по пожарот – уништен ентериер, поставеност на сцената, а посебен акцент беше ставен на полиуретанскиот сунѓер поставен за звучна изолација, кој бил високо запалив и при согорување создавал жешки и токсични капки.

„Токму такви траги биле пронајдени и кај дел од жртвите. Кај облеката на пејачот Андреј Ѓорѓиевски се констатирани капки од полимерен материјал – полиуретан, кој при горење ослободува екстремна топлина и токсични гасови, вклучително и цијанид“, рекоа од Обвинителството.

Вештачењата покажале дека пресудно за катастрофалниот пожар било тоа што плафонот се наоѓал само 2,7 метри над бината. Во објектот се развила температура од околу 800 степени Целзиусови, што, во комбинација со запаливите материјали и пренатрупаниот простор, довело до брзо ширење на огнот.

На презентираните фотографии се гледа дека задната врата која требала да послужи при евакуација била затворена однадвор со два катанци и со стаклена волна. Противпожарната екипа морала да скрши за да извлече дел од присутните во дискотеката.

Дискотеката немала систем за брза сигнализација, ниту противпожарен систем. Забележани се само три празни противпожарни апарати.

На првото рочиште по првостепена пресуда за тројца полицајци од Кочани, кои добија условни казни, родителите го изразија гневот.

Одбраната побара изземање на дел од доказите од претходното рочиште и нови вештачења. Судијката ги одби овие барања.

Марина Стојанова-Тонева