„Безбеден град“ до крајот на годинава во цела Македонија
Системот „Безбеден град“ до крајот на годинава ќе се прошири на територијата на цела држава. Имплементацијата ќе биде фазна. Лажните пораки за прекршоци до граѓаните испраќани од странство.

Од странски броеви и адреса што не е на МВР се испраќаат лажните СМС пораки за наводни сообраќајни прекршоци, домашните се заштитени – предупредуваат надлежните. МВР работи на откривање кој ги испраќа овие пораки. Министерот Тошковски ги повика граѓаните на внимателност и секоја сомнителна комуникација да ја пријават.
„Граѓаните треба да бидат внимателни од кого ја добиваат пораката, тоа се секогаш пораки кои се добиваат од чудни броеви, со чудна адреса имаат чудни информации, не се од точната адреса од МВР, не се од бројот на МВР. Граѓаните треба да проверуваат“, нагласи министерот Тошковски.
Податоците покажуваат дека е намален бројот на жртви и на прекршоци. Граѓаните велат-ги почитуваат сообраќајните правила.
„Не сум добила ниту лажна, ниту вистинска порака за сообраќаен прекршок, совесен возач сум. Ако добијам лажна порака ќе ги известам во МВР.“
„Само опомена, ама ниска опомена за 51. Би ги известил надлежните органи ако добијам лажна порака.“
„Немам добиено порака, освен во тест периодот кога го тестиравме системот, после тоа не.“
„Пазам и до сега немам добиено ништо“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
„Безбеден град“ до крајот на годината ќе функционира на целата територија на државата. Сообраќајни камери се поставуваат во Велес, во Охрид, Струга и во Кавадарци.
Ќе се пушта етапно, во зависност од тоа како се исполнуваат техничките услови.
Андријана Ѓурческа
