Блиски Исток

Во исчекување на одговорот од Иран на американскиот предлог

07.05.2026 16:03

Нова можност за дипломатски пресврт на Блискиот Исток. САД и Иран се приближуваат кон договор кој би можел да стави крај на конфликтот и да отвори 30-дневни преговори за клучни прашања, меѓу кои нуклеарната програма, иранските средства и безбедноста во Ормускиот теснец. Иран го разгледува предлогот и денес се очекува да го достави својот став преку посредници, додека Вашингтон тврди дека договор е сè поблизу. Според Трамп, евентуалниот договор би вклучувал предавање на високо збогатениот ураниум и ограничување на користењето на подземните нуклеарни објекти. Во меѓувреме, тензиите во регионот остануваат високи, а последиците од кризата веќе се чувствуваат на глобалните пазари, во енергетиката и трговијата.

Во исчекување на одговорот од Иран на американскиот предлог за завршување на војната, Трамп изјави дека се блиску до договор, но дека исходот зависи од прифаќањето на условите од Техеран. Тој потврди дека во последните 24 часа имало „многу добри разговори“, но повтори дека нема да дозволи Иран да има нуклеарно оружје, а ако не прифатат договор ќе следи ескалација.

„Имавме многу добри разговори во последните 24 часа и е многу можно да постигнеме договор. Тие очајно сакаат договор, но Иран не може да има нуклеарно оружје. Мора да го добиеме она што треба да го добиеме. Ако не, ќе одиме чекор понатаму“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Ирански претставници го оценија американскиот предлог како „список на желби“ и предупредија на „суров одговор“ доколку не се прифатат нивните услови. Во меѓувреме, тензиите во регионот остануваат високи по новите ирански правила за Ормускиот теснец, додека американските сили пресретнале танкер под иранско знаме во Оманскиот Залив. Франција соопшти дека носачот на авиони „Шарл де Гол“ се движи кон Црвеното Море како дел од подготовките за можна мисија за заштита на поморската безбедност.

„Иран бара олеснување на санкциите од САД во замена за чекори во врска со неговата нуклеарна програма. Но, не доаѓа предвид дека најмалата санкција може да се укине сè додека е блокиран Ормускиот теснец“, изјави Жан-Ноел Баро – министер за надворешни работи на Франција.

Тензично и во Либан. Израел соопшти дека за првпат од примирјето извршил напад во Бејрут врз командант на Хезболах.

„Одржуваме континуиран контакт со САД. Имаме целосна координација и нема изненадувања. Делиме заеднички цели, а Израел е подготвен за секое сценарио. Најважната цел е да се отстрани збогатениот материјал од Иран и да се демонтираат капацитетите за збогатување“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Во истовреме, лидерите на земјите од Југоисточна Азија пристигнуваат во Себу за 48. самит на АСЕАН, каде во фокус се енергетската и прехранбената безбедност во услови на конфликтот на Блискиот Исток.

„Тековната криза на Блискиот Исток има далекусежни последици, вклучувајќи нарушување на енергетските текови, трговските патишта и снабдувањето со храна. Случувањата надвор од нашиот регион имаат директен и длабок ефект врз АСЕАН“, изјави Тереза Лазаро -министерка за надворешни работи на Филипини.

Кризата има директно влијание врз економиите на Југоисточна Азија, но последиците од војната веќе се чувствуваат глобално.

 

Бојана Крстевски