Евроинтеграции

Муцунски: Не сме подготвени за уставни измени, недостига доверба и кредибилитет

07.05.2026 12:39

Во овој момент нема доверба со Бугарија дека нема да поставува нови барања за продолжување на нашата евроинтеграција, јасно порача шефот на дипломатијата Муцунски. Нагласи- земјава продолжува со спроведување на реформите.

Не сме подготвени за уставни промени оти во овој момент нема доверба со Бугарија дека нема да поставува нови барања за продолжување на нашата евроинтеграција, јасно порача шефот на дипломатијата Муцунски. Земјава продолжува со спроведување на реформите.

„Во овој контекст, нашата држава не е подготвена за уставни измени. Има недостаток на доверба и недостаток на кредибилитет по однос на испораката спрема нас како држава. Така што, во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени“, нагласи шефот на дипломатијата Муцунски.

Многу е важно да имаме спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, а Бугарија сè уште не го прави тоа, потврди генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, запрашан што Советот може да направи да ја натера Бугарија да ги почитува 17-те одлуки на Судот за човекови права, меѓу кои и регистрацијата на здруженијата на Македонците во Бугарија.

„Бугарија има серија на одлуки што не се извршени сè уште. И работиме на тоа и имаме еден напредок би рекол во последниот месец. Тоа бара малку време, но важно е тој процес да биде стабилен, оти знаеме дека само едно симболично решение не е доволно. Треба да биде навистина солидно и би рекол дека во последниве 12 месеци имаме навистина напредок и за ова прашање ќе разговара и Комитетот на министри наскоро“, изјави генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.

Генералниот секретар за случајот на адвокатот Менкиноски, застапник македонските здруженија на кого Бугарија му забрани влез од 10 години, посочи дека заштитата на правниците е од клучно значење во едно демократско општество и затоа Советот на Европа работи на конвенција која ги заштитува правниците од непријателски дејствија, која е прифатена и од Бугарија, но која сè уште не се спроведува оти е во изработка.

Од есен догодина, Македонија претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа.

Ирина Гелевска