Србија со кратење на платите и пензиите бара излез од кризата

19.09.2014 15:31

Вучиќ ги најави најновите кризни мерки со цел заздравување на економијата...

Намалување на платите и пензиите поголеми од 210 евра, остра борба против сивата економија, отпуштање вишок вработени во администрацијата, намалување на субвенциите во јавни претпријатија и јакнење на приватниот сектор. Тоа се новите економски мерки кои премиерот Александар Вучиќ ги најави синоќа за излез од кризата.

„Ќе одиме на намалување на сите субвенции. Ќе одиме на отпуштање на вишокот луѓе во секторот администрација, пред се партиските кадри кои што не служат за ништо. Веќе нема да ги финансираме таканаречените земјоделски тајкуни, туку вистинските мали производители“, рече Вучиќ.

Од октомври вработените во јавниот сектор со плата над 210 евра ќе примаат линерно за 10 отсто помала плата, додека оние со примања над 800 евра за 20 отсто.

Се намалуваат и пензиите за лицата со пензија над 210 евра- линерно од 3 до 16 отсто. Така пензионерите со примања од 340 евра до 500 евра- ќе имаат помала пензија линерно од 9 до 14 %.

Граѓаните се незадоволни со најавата за намалувањето на платите и пензиите.

Никогаш полошо не ни било. Дури сега ќе ни биде... Господе, голем грев ќе биде доколку тоа ни го направат... Пензија примам. Ќе бидеме уште посиромашни. Што друго?! ... Веќе ни е тешко, по се изгледа ќе ни биде уште потешко“, велат случајно анкетираните белграѓани.

Србија е економски болна земја која мора да прави длабоки економски резови-изјави Вуќиќ. Планираните заштеди од платите и пензиите се околу 400 милиони евра, а до планираните 700 милиони евра, како што нагласи ќе се дојде со „тешки мерки“. Вучиќ најави и укинување на солидарниот данок.

Платите во јавниот сектор се повисоки за 40 % од приватниот сектор- напомена Вучиќ. Во периодот 2008-2012 година Србија била задолжена од осум на 17,67 милијарди евра. Приватниот сектор е уништен, а „темелно се уништувало секое јавно претпријатие“.

Несомнено Србија ја чекаат тешки реформски мерки и стегање на ременот.

Оливер Бранковиќ