Блиски Исток

Нови напади меѓу САД и Иран во заливот

08.05.2026 08:48

САД и Иран, по најновата размена на оган меѓу двете страни во Заливот, меѓусебно се обвинуваат за нападите. Вашингтон тврди дека станува збор за самоодбрана откако бил отворен оган врз нивни бродови...

Ситуацијата на Блискиот Исток ескалираше. САД и Иран, по најновата размена на оган меѓу двете страни во Заливот, меѓусебно се обвинуваат за нападите. Вашингтон тврди дека станува збор за самоодбрана откако бил отворен оган врз нивни бродови. Трамп изјави дека примирјето сè уште е во сила, но предупреди дека ќе удри уште посилно, ако Иран наскоро не потпише договор.

„Не требаше да го прават тоа, но бевме подготвени. Секоја ракета и дрон беа соборени. Си поиграа со нас, но ги разочаравме. Ако нема прекин на огнот, нема да мора да ви кажам, ќе видите само еден голем сјај што доаѓа од Иран. И подобро е брзо да го потпишат договорот или ќе имаат многу мака“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Техеран, пак, тврди дека американски сили нападнале ирански танкер и извршиле воздушни напади во близина на Ормускиот Теснец, како и врз крајбрежните области Бандар Хамир, Сирик и островот Кешм. Обвинија за прекршување на примирјето и најавија одговор.

„По нападот на американските воени агресори врз ирански танкер за нафта, непријателските единици што дејствуваат во областа на Ормускиот теснец се најдоа под ирански ракетен оган и, откако претрпеа штета, беа принудени да избегаат“, изјави водител на државната иранска телевизија ИРИБ.

Иран сè уште не го финализирал одговорот на американскиот предлог, а тензиите растат и покрај најавите за можен договор.