Ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток, САД и Иран со меѓусебни напади во Ормускиот теснец
САД и Иран со меѓусебни напади во Ормускиот теснец. Техеран смета дека Вашингтон го прекршил примирјето. Трамп неодамна изрази оптимизам дека наскоро може да се постигне договор со раководството во Техеран …

Ситуацијата на Блискиот Исток ескалираше по најновата размена на оган меѓу САД и Иран и меѓусебни обвинувања за нападите. Вашингтон тврди дека станува збор за самоодбрана откако бил отворен оган врз нивни бродови.
„Американските сили пресретнаа неиспровоцирани ирански напади и одговорија во самоодбрана додека разорувачи со водени ракети на американската морнарица транзитираа низ Ормускиот теснец до Оманскиот Залив“, соопштија од Централната команда на САД.
Техеран тврди дека американските сили нападнале ирански танкер и извршиле воздушни напади во близина на Ормускиот Теснец, како и врз Бандар Хамир, Сирик и островот Кешм, обвинувајќи за прекршување на примирјето.
„По нападот на американските воени агресори врз ирански танкер за нафта, непријателските единици во Ормускиот теснец се најдоа под ирански ракетен оган и, откако претрпеа штета, беа принудени да избегаат“, објавија на државната иранска телевизија ИРИБ.
Трамп изјави дека примирјето сè уште е во сила, но предупреди на последици, ако Иран наскоро не потпише договор.
„Не требаше да го прават тоа, но бевме подготвени. Секоја ракета и дрон беа соборени. Си поиграа со нас, но ги разочаравме. Ако нема прекин на огнот, нема да мора да ви кажам, ќе видите само еден голем сјај што доаѓа од Иран. И подобро е брзо да го потпишат договорот или ќе имаат многу мака. Планот е едноставен – Иран не може да има нуклеарно оружје и нема ни да го има“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Иран го разгледува американскиот предлог за прекин на конфликтот, одговорот сè уште не е финализиран.
„Штом ќе го финализираме нашиот одговор ќе биде споделен со пакистанскиот медијатор и врз основа на тоа ќе се одлучат следните чекори“, изјави Есмаил Багеи, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.
САД и Бахреин во ОН предложија резолуција за повторно отворање на Ормускиот теснец и слободна пловидба.
„Веруваме во слободата на навигација за сите светски економии. Тоа е камен-темелник на светската стабилност и трговија“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ОН.
Иран го отфрли предлогот како „неисправен“ и „политички мотивиран“, но тврди дека е подготвен за слободна пловидба доколку се укине блокадата и запре конфликтот.
„Ставот на Иран е јасен: единствено решение е крај на војната, укинување на поморската блокада и враќање на нормалниот премин“, изјави Амир Саеид Иравани, постојан претставник на Иран во ОН.
Тензиите во регионот продолжуваат да растат и покрај најавите дека конфликтот би можел наскоро да заврши. Во меѓувреме, ОАЕ пријавија напади со ракети и беспилотни летала од Иран.
Бојана Крстевски
