Парада на Црвениот плоштад во Москва
Традиционално, на Црвениот плоштад во Москва, парада на победата – за прв пат по две децении без прикажување на воена опрема. Во говорот, пред мал број странски делегации, Путин истакна дека спроведуваат специјална воена операција додека се соочуваат со агресивна сила вооружена и поддржана од целиот блок на НАТО претходно, Киев и Москва потврдија дека ја прифатиле иницијативата на Трамп за тридневен прекин на огнот од 9 до 11 мај.

Под засилени безбедносни мерки, традиционално, Русија го одбележа Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва. Годинава, за првпат по речиси две децении, од парадата изостана презентацијата на тенкови, ракети и друго оружје. Според Кремљ, ненадејната промена на форматот се должи на тековната оперативна ситуација. Рускиот претседател во говорот рече војниците спроведуваат специјални воени операции додека се соочуваат со агресивна сила вооружена и поддржана од целиот блок на НАТО.
„Големиот подвиг на победничката генерација ги инспирира војниците што денес спроведуваат специјални воени операции. Тие се соочуваат со агресивна сила вооружена и поддржана од целиот НАТО блок. И сепак, нашите херои маршираат напред. Делиме заедничка цел. Секој од нас дава личен придонес кон Победата. Цврсто верувам дека нашата кауза е праведна! Ние сме заедно! Победата отсекогаш била и секогаш ќе биде наша!“, изјави Владимир Путин – претседател на Руската федерација.
Русија не упатила посебни покани до странските гости, но на прославата изразиле желба да присуствуваат претседателите на Абхазија, Белорусија, Лаос, врховниот владетел на Малезија, словачкиот премиер, претседателот на Република Српска и други носители на јавни функции и воени аташеи од странски земји. Претходно, Киев и Москва потврдија дека се согласиле на тридневен прекин на огнот и размена на воени заробеници, откако американскиот претседател Трамп објави дека успеал да издејствува договор меѓу двете завојувани страни за примирје од 9 до 11 Мај.
„Претседателот Путин се согласи. Претседателот Зеленски се согласи. Имаме мал временски период кога нема да убиваат луѓе, и тоа е многу добро. И тие исто така се согласија да вратат по 1000 затвореници од секоја страна. Значи, речиси веднаш ќе префрлат по 1.000 затвореници од секоја страна. Тоа е многу добро“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Зеленски побара гаранции дека Русија ќе го почитува договорот, а во исто време издаде и декрет со кој и се дозволува на Русија да одржи воена парада. Од Кремљ возвратија дека не им треба ничија дозвола. Украинскиот лидер истакна дека денеска го одбележуваат Денот на Европа целосно свесни дека веќе се неразделен дел од европското семејство.
„Ја браниме Украина, нашата независност, нашата иднина – и правејќи го тоа, ние во Украина ја браниме нашата Европа. Европа од која Украина беше и ќе остане дел. Од првите денови на целосната војна до денес, Европа застана на страната на Украина. И ова не е милосрдие – тоа е избор направен од Европејците: да застанат на истата страна со храбрите и силните – Украинците кои денес се борат за мир и вистинска заштита од тиранијата, не само за себе, туку и за целиот континент“ – објава на Володимир Зеленски – претседател на Украина.
На 28 февруари 2022 година, непосредно откако беше нападната од Русија, Украина поднесе барање за членство во Европската унија. Според Европската комисија, преговорите за пристапување на Украина во блокот треба да почнат без одложување.
Маријана Димовска
