Куманово

Единаесет години од „Диво Насеље“

09.05.2026 13:28

Единаесет години од вооружената престрелка во Диво Насеље, кога животот го дадоа осум припадници на македонската полиција. И по нешто повеќе од една деценија, кумановци со вознемиреност раскажуваат за овој немил настан, кој ќе остане вмрежен во нивното сеќавање.

„Пукотници се слушаа, на зградата на шести спрат имаше куршум на прозорецот“, раскажува кумановецот Мирче, сеќавајќи се на 9-ти мај во 2015-тата, кога во Диво Насеље бил сведок на вооружената престрелка. По неколку часа поминати во страв и неизвесност, со семејството биле евакуирани со оклопно возило. Неговата порака е никогаш да не се повтори.

„Моето семејство се криеше, паничеше, јас морав да ги смирувам. Дојде хермелин и кога го видовме малку се ослободивме, тие не тешеа немој да бегате ќе ве извлечеме“, истакна Мирче Станојковски, жител на „Диво Насеље“.

Звукот на пукотниците, сирените на полицијата и итната помош ќе ги помнат сите кумановци.

„Тоа не се заборава беше ужас, неизвесност, луѓето исплашени не знаат што да работат, никој не излегува, се затворено“, вели еден граѓанин.

„Брза помош хеликоптер, коментари помеѓу комшии, роднини, жално“, дополнува друг.

Куманово одбележува единаесет години од немилиот настан кога загинаа осум припадници на македонската полиција, а 37 беа повредени. И годинава со панихида во соборниот храм „Свети Никола“ и пред спомен плочата во кумановската полиција, се одаде почит на настраданите херои.

„11 години незаборав за хероите кои го дадоа животот за Македонија. Затоа се собираме секоја година во нивна чест, да не ги заборавиме, зашто хероите умираат само кога ќе ги заборавиме“, нагласи Предраг Петрушевски, бранител.

Во чест на настраданите ќе се одржат и спортско хуманитарни турнири.

Настраданите осум припадници на македонските безбедносни сили, посмртно беа одликувани со медал за храброст.

Елена Георгиевска