Патниците на крузерот се добро, но под мониторинг
Крузерот на кој се појави епидемија на хантавирус пристигна на Тенерифе. Под засилени мерки и протоколи над 140 патници се враќаат во матичните земји. Сите патници се сметаат за контакти со висок ризик. СЗО уверува, ова не е ковид и нема зголемена опасност по глобалното здравје.

Холандскиот крузер што пловеше по Атлантикот и се најде во центарот на вниманието поради епидемијата на хантавирус, стигна на Тенерифе. Шпанската воена полиција и тимовите за одговор при катастрофи први ги пречекаа 147-те патници кои во внимателно организирана меѓународна операција се враќаат во матичните земји.
„Првата евакуирана група се шпански државјани. Холандија ќе ги пренесе државјаните од Германија, Белгија, Грција и дел од екипажот. 23 земји се вклучени во оваа операција. Последниот лет од целата операција е закажан за утре. Тоа ќе биде летот од Австралија што ќе превезува шест лица, вклучувајќи државјани од Австралија и Нов Зеланд, како и некои луѓе од азискиот регион“, изјави Моника Гарсија – министерка за здравство на Шпанија.
Според здравствените власти, патниците на луксузниот брод „Хондиус“ не покажале знаци на инфекција, но се сметаат за контакти со висок ризик како превентивна мерка бидејќи е детектиран реткиот андиски сој. СЗО извести дека осум лица се разболеле за време на патувањето. Регистрирани се три смртни случаи, брачна двојка од Холандија и еден државјанин на Германија. Кај шест лица е потврдено присуство на хантавирус, додека два случаи се водат како сомнителни.
„Мислам дека е многу важно да се утврди дека никој на крузерот нема симптоми. Другата работа е дека атмосферата на бродот е добра. Сите навистина се радуваат што ќе можат да се да се вратат дома“, изјави Роел Нивенкамп – холандски амбасадор во Шпанија.
Директорот на СЗО кој отпатува на Канарските острови како поддршка на операцијата, истакна дека вирусот не треба да се поистоветува со КОВИД. Незадоволните жители протестираа и бараа да им биде гарантирана здравствената безбедност.
„Загриженоста е оправдана бидејќи сите го искусивме Ковидот, особено во 2020 година, и таа траума сè уште ни е во мислите. Луѓето ќе имаат прашања, загрижености, и тоа е она што се обидов да го одговорам во мојата порака до луѓето од Тенерифе. Ве слушаме, разбираме, но ситуацијата е многу подобра сега. А другата предност е и природата на болеста“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус генерален директор на СЗО.
Хантавирусот вообичаено се шири преку контакт со глодари, но во исклучително ретки случаи е можно пренесување од човек на човек.
Маријана Димовска
