Туристи во планина водат необучени водичи, спасителите предупредуваат на растечки ризици
Групи туристи низ македонските планини сè почесто ги водат лица без соодветна обука за планинско водење и без планови за управување со ризици, предупредуваат од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. Бројот на интервенции и несреќи во планина постојано расте, особено во пресрет на летната сезона и зголемениот број авантуристички тури.

Наместо професионални планински водичи, групи туристи низ македонските планини сè почесто водат обични туристички водичи без соодветна обука за престој и движење во планина. Од Планинската спасителна служба предупредуваат дека тие не се обучени за справување со ризични ситуации, а туристичките оператори немаат ниту основни планови за управување со ризици.
Спасителите алармираат дека ваквата пракса сериозно ја зголемува опасноста од несреќи.
„Станува збор за цели групи туристи за кои тие апсолутно не се соодветно едуцирани. Сведоци сме дека многу даватели на услуги немаат ниту елементарни планови за управување со ризици. Планот за управување со ризици е тој што треба да ја намали опасноста од несреќи. Сето ова се системски прашања кои треба да се решаваат системски, а не ад хок, со некакви индивидуални решенија“, изјави Антонио Додески од ПСС.
Во пресрет на летната туристичка сезона, од Планинската спасителна служба Охрид апелираат посетителите на планинските подрачја да бидат особено внимателни. Велат дека бројот на интервенции постојано расте, особено кај авантуристичките активности.
„Имавме многу, апсолутно десетици интервенции. Посериозни несреќи беа три или четири. Имавме и една параглајдерска несреќа во текот на зимата, за среќа без повреди, меѓутоа беше нужна евакуација на човекот кој слета далеку. Имавме 35 интервенции. Така што, бројот на несреќи апсолутно ќе расте“, вели Антонио Додески од ПСС Охрид.
Во земјава сè уште нема системски уредено планинско спасување. Постои сериозен потенцијал и има стручни волонтери, но неопходно е нивно формално интегрирање во националниот систем за заштита и спасување.
Соња Рилковска
