Со климатските промени најпогодени се градежниците и земјоделците
Климатските промени сè почесто влијаат врз здравјето на работниците кои работат на отворено. Експерти предупредуваат – се намалува продуктивноста се зголемува отсуството од работа. Некои ги напуштаат и работните места ...

Климатските промени се повеќе го загрозуваат здравјето на работниците кои работат на отворено – предупредуваат специјалистите по медицина на труд. Високата температура не влијае само на физичкото туку и на менталното здравје. Анксиозност, депресија, намалена продуктивност и зголемено отсуство од работа сè се почести кај работниците изложени на екстремни временски услови. Експертите предупредуваат – доколку не се преземат мерки, расте и ризикот од професионални заболувања.
„Како феномени кои се издвојуваат во денешно време се екоаксизоноста и екодепресивноста. Екоаксиозноста се однесува на чувството на загриженост за сопственото здравје за животната средина или пак за општеството во целина. Но од друга страна екодепресивноста значи појава на чувства на депресија, тага, поради можните ефекти што климатските промени можат да ги имаат на здравјето на луѓето“, изјави проф. д-р Драган Мијакоски – специјалист по медицина на труд.
Најпогодени се градежните работници и земјоделците. Особено оние кои работат без соодветна заштита и редовни здравствени контроли. Иако земјава има акциски план за заштита на населението од топлотни бранови, потребни се построги мерки и попрецизна регулатива за работа на отворено во најжешкиот период од денот.
„Особено во оној период од 11 до 16 или 17 часот особено во услови на портокалова зона кога имаме топлотни бранови за да не биде тоа само на ниво на препорака туку да биде попрецизно регулирано. Немаме работници кои имале некоја посериозна форма на топлотен удар меѓутоа сигурно дека сончаница, некоја фаза на топлотни грчеви, дехидратација апсолутно се јавуваат“, изјави проф. д-р Сашо Столески – специјалист по медицина на труд.
Во Малезија каде високата температура и влажноста се секојдневие, заштитата на работниците на отворено е еден од најголемите предизвици. Здравствените работници таму се фокусираат на препознавање на симптомите на дехидратација и топлотни удари.
„Како специјалисти на медицина на труд нашата задача е да ги советуваме работодавачите да ја зголемат свесноста на работниците, да ги советуваат да консумираат течности на секои 30 минути и редовно да ги користат личните заштитни средства кои би ги заштитиле од високите температури“, изјави д-р Гогилан Севаратнам – специјалист по медицина на труд од Малезија.
Освен високата температура, дополнителен ризик за здравјето на работниците е и аерозагадувањето кое го зголемува ризикот од респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Климатските промени не се само еколошки проблем – стануваат сериозна закана по здравјето на работниците кои работат на отворено – експертите предупредуваат потребни се соодветни мерки и регулатива.
Андријана Ѓурческа
