Трамп не е задоволен од одговорот на Иран
Техеран категорично ја отфрлил можноста за демонтирање на нуклеарните постројки и побарал гаранции дека ураниумот ќе биде вратен доколку преговорите пропаднат. Иранскиот претседател Пезешкијан вели дека Иран никогаш нема да се поклони пред непријателот.

Шефот на Белата Куќа го отфрли иранскиот одговор на предлогот на САД за прекин на војната. Понуденото од Вашингтон се однесуваше на договор за завршување на војната, повторно отворање на Ормускиот теснец и укинување на нуклеарната програма. Техеран категорично ја отфрлил можноста за демонтирање на нуклеарните постројки и побарал гаранции дека ураниумот ќе биде вратен доколку преговорите пропаднат.
„Тукушто го прочитав одговорот од таканаречените „претставници“ на Иран. Не ми се допаѓа – ТОТАЛНО НЕПРИФАТЛИВО!“ – објави американскиот претседател Доналд Трамп.
Иранскиот претседател Пезешкијан вели дека Иран никогаш нема да се поклони пред непријателот.
„Никогаш нема да ги наведнеме главите пред непријателот и ако се појави разговор за дијалог или преговори, тоа не значи предавање или повлекување. Напротив, целта е да се почитуваат правата на иранската нација и да се бранат националните интереси со решителна сила“, објави иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
Иранските барања биле доставени до САД преку посредникот Пакистан. Сепак, од администрацијата на Вашингтон велат дека Шефот на Белата Куќа и дава предност на дипломатијата.
„И кога медијаторите во овој случај, Пакистан, ќе нè замолат, да им дадеме на овие преговори уште една шанса пред да се вратиме на бомбардирањето, тогаш мислам дека тоа е сосема соодветен избор за претседателот Трамп. Тој и ја дава на дипломатијата секоја можна шанса пред да се вратиме на непријателствата“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ООН.
Војната не е завршена, има нуклеарен материјал што треба да се отстрани од Иран – изјави израелскиот премиер.
„Мислам дека постигнавме многу, но не е завршено бидејќи сè уште има нуклеарен материјал, вклучително и ураниум, кој мора да се изнесе од Иран. Сè уште има објекти за збогатување кои мора да се демонтираат. Сè уште има посредници што Иран ги поддржува, балистички ракети што сè уште сакаат да ги произведуваат“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Иран, вчера се закани со решителен одговор во случај на распоредување на француски и британски поморски сили во Ормускиот теснец, откако Париз и Лондон објавија испраќање воени бродови во регионот.
„Никогаш не се покренало прашање за распоредување. Важно е да се стави крај на секоја блокада, од каде и да доаѓа и во каква било форма. Да се отфрлат какви било патарини, од каде и да доаѓаат, и да се обезбеди слобода на пловидба“, изјави Емануел Макрон • претседател на Франција.
Макрон рече дека Франција изградила ад-хок мисија со Британците и собрала 50 земји за координација со Иран и САД, осигурувајќи дека поморскиот сообраќај може да се продолжи штом условите дозволат.
Маријана Димовска
