Евроинтеграции

Муцунски: Време е кандидатите од Западен Балкан да имаат јасен пат за членство

11.05.2026 10:01

Проширувањето, една од темите на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел. Поканети се сите земји-кандидатки од Западен Балкан. Ќе се разговара како да се забрза реформската агенда. Евроинтеграциите, тема и на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во Никозија.

Проширувањето, дел од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Поканети се сите земји кандидати од Западниот Балкан, со кои ќе се разговара како да се направи исчекор во реформите, но и за соработката за спречување на кибер-напади.

„Ќе разговараме за проширувањето со Западен Балкан што може повеќе да направиме за да тие напредуваат со реформите. Исто така ќе разговараме за соработка за да тие можат да се спротивстават на кибер-нападите што ги има исто така и во земјите од Западниот Балкан што се закана за нивните демократии. Ќе разговараме за безбедноста и одбраната, и нивно усогласување со европската надворешна и одбранбена политика и реформите што треба да ги направат за да одиме напред со проширувањето“, изјави Каја Калас-висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Време е кандидатите од Западниот Балкан да имаат јасен пат за членство, порака од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

„Проширувањето е приоритет за ЕУ, но и за земјите-кандидати. Да се отстранат земјите од Западниот Балкан од сивата зона на Европа и да се претворат во група земји кои имаат јасен пат кон членство. Мојата земја постигна особено во последниот месец забележителни резултат во спроведувањето на реформската агенда. 100 процентно сме усогласени со европската надворешна и одбранбена политика, што значи реформи и стратешки пристап. Нашето барање до членките на ЕУ е повеќекратно: да отстранат билатерализација на критериумите за членство, соработка во клучната безбедност и одбрана и подобра комуникација во економијата, трговијата, енергетиката, безбедноста и храната и дигитализацијата“, нагласи шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.

Во Никозија пак, неформален состанок на министрите за европски прашања со земјите-кандидатки од Западен Балкан. Во фокусот, преговорите по првиот кластер поглавја-основи.

„На агендата на неформалниот состанок на министри за европски прашања во Никозија каде се поканети и претставници на кандидатите е проширувањето. Разговорите со земјите кандидати ќе се фокусира на фундаментите, на кластерот еден, на демократијата, на владеењето на правото. За Кипар е јасно дека поавтономна, побезбедна унија е проширена унија. Партнерите коишто испорачуваат припаѓаат во ЕУ“, рече Марилена Рауна, заменик-министер за европски прашања на Кипар.

ЕУ до крајот на месецов треба да ги објави извештаите за напредокот на земјите кандидатки за членство.

Ирина Гелевска