Свет

Патниците од крузерот со хантавирус во карантин

11.05.2026 14:21

Нови позитивни случаи на хантавирус. СЗО препорача 42-дневен карантин за сите патници, додека владите спроведуваат итна меѓународна операција за нивно враќање дома. Француска државјанка е хоспитализирана со потврден вирус, а во САД е регистриран уште еден позитивен случај. Ризикот за пошироката јавност останува низок, но светот со внимание го следи развојот на состојбата.

Светската здравствена организација препорача 42 дена карантин за сите патници од крузерот кој беше погоден од епидемија на хантавирус. Ризикот за пошироката јавност и натаму останува низок.

Холандскиот брод со 147 патници вчера се закотви кај Канарските острови, а оттаму во организирана меѓународна операција патниците под строги мерки и протоколи се упатија кон матичните земји.

„Важно е да се има меѓународна стратегија. Светската здравствена организација е таа што го прави тоа. Целата наша операција е заснована на грижа за патниците. Но, исто така, и на грижа за јавното здравје и ние се обидуваме да го направиме на најдобар начин тоа“, изјави Том Беренсен, министер за надворешни работи на Холандија.

„Сакам да нагласам дека нашата примарна одговорност како влада е да ја одржуваме нашата заедница безбедна и здрава. Исто така, имаме одговорност кон тие патници да ги вратиме дома и да ги заштитиме од каков било ризик, без разлика колку е мал потенцијалниот пренос на вирусот“, истакна Марк Батлер, министер за здравство на Австралија.

На пат до дома, на чартер-лет од Тенерифе до Париз, француски државјанин развил симптоми. Во исто време, еден од државјаните на САД е позитивен на хантавирусот, а друг има благи симптоми.

„За жал, состојба на една француска државјанка се влошила преку ноќ и можам да потврдам дека тестовите се позитивни. Оваа пациентка има хантавирус и е во специјализирана болница за заразни болести, која имплементирала строги заштитни мерки во собите за да се спречи ширењето на вирусот“, изјави Стефани Рист, министерка за здравство на Франција.

Тројца патници починаа од хантавирус по патувањето на бродот кој пловеше по Атлантикот.

Катерина Бојаџиева