ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

ЕУ испорача што земјите кандидатки треба да направат за исчекор во реформите за членство

11.05.2026 14:01

ЕУ испорача што земјите кандидатки треба да направат за исчекор во реформите за членство. Кандидатките пак со контра барања за јасен пат за интеграција. Од Никозија, претседавачот Кипар со упатства за преговори по првиот кластер поглавја-основи...

Земјите кандидати од Западниот Балкан треба да продолжат со реформите за да направат исчекор за членство во ЕУ, порача Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Кандидатките побарале поголема соработка со ЕУ и за спречување на кибер-напади.

„Разговаравме за проширувањето со Западен Балкан и реформите што треба да ги направат за да одиме напред со проширувањето. За соработката да се спротивстават на кибер-нападите што ги има исто така и во земјите од Западниот Балкан што се закана за нивните демократии, за безбедноста и одбраната и нивно усогласување со европската надворешна и одбранбена политика“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

„Имам јасна порака дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ. Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако кандидатите испорачаат, и ние ќе треба да испорачаме. Очекувам многу силна посветеност од сите кандидати од Западниот Балкан да останат цврсто на европскиот пат“, изјави Марта Кос, еврокомесарка за проширување.

Време е кандидатите од Западниот Балкан да имаат јасен пат за членство, порачал шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

„Проширувањето е приоритет за ЕУ но и за земјите кандидати. Да се отстранат земјите од Западниот Балкан од сивата зона на Европа и да се претворат во група земји кои имаат јасен пат кон членство. Мојата земја постигна особено во последниот месец забележителни резултати во спроведувањето на реформската агенда. 100 процентно сме усогласени со европската надворешна и одбранбена политика, што значи реформи и стратешки пристап. Нашето барање до членките на ЕУ е повеќекратно: да отстранат билатерализација на критериумите за членство, соработка во клучната безбедност и одбрана и подобра комуникација во економијата, трговијата, енергетиката, безбедноста на храната и дигитализацијата“, изјави министерот Тимчо Муцунски.

Во Никозија, на неформален состанок министрите за европски прашања им ги укажале на земјите-кандидатки од Западен Балкан кои се барањата за преговорите по првиот кластер поглавја-основи.

„Во фокусот на разговорите со земјите кандидати од Западен Балкан беа фундаментите, на кластерот еден, на демократијата, на владеењето на правото. За Кипар е јасно дека поавтономна, побезбедна унија е проширена унија. Партнерите коишто испорачуваат реформи припаѓаат во ЕУ“, изјави Марилена Рауна, заменик-министер за европски прашања на Кипар.

Еу до крајот на месецов треба да ги објави извештаите за напредокот на земјите кандидатки за членство.

Ирина Гелевска