Дали новите ЕУ правила ќе ги поскапат лековите?
Фармацевтските компании предупредуваат дека новата директива во ЕУ за третман на комунални отпадни води може драстично да ги поскапи лековите, дел од нив најмалку 80 насто. Здраствените власти во земјава смируваат простор за зголемување на цените засега нема.

Нема простор за драматично зголемување на цените на лековите – смируваат од Министерството за здравство, откако во Европа се отвори дебата за новите правила за заштита на водите од остатоци на лекови. Според овој модел – фармацевтската индустрија би требало да покрива 80 проценти од трошоците, што според производителите може да доведе до поскапување на лековите.
„Цените на лековите што се издаваат на рецепт се регулирани и референтно утврдени, па простор за драматично зголемување на цените не постои. Секое зголемување на формираната цена на секој еден лек на рецепт треба да биде одобрена од државата. Воедно, нагласуваме дека не постојат ризици од соочување со значителен недостиг од хронични терапии.“-стои во соопштението од Министерството за здравство.
Фармацевтските компании предупредуваат дека најпогодени би биле лековите кои ги земаат хронично болните. Како пример се посочува лек за дијабетес, за кој се проценува дека цената по кутија би можела да се зголеми за 800 проценти. Индустријата предупредува дека постои ризик некои лекови да се повлечат од пазарот поради неисплатливост. Од друга страна, научниците предупредуваат дека фармацевтското загадување не е само еколошки туку и јавноздравствен проблем. Бидејќи може да придонесе кон развој на отпорност на бактериите кон антибиотиците.
Андријана Ѓурческа
