„Без повод за поводи“ од Иван Антоновски - ново книжевно издание на „Матица македонска“
„Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици...

„Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици.
Во рецензијата за книгата, универзитетскиот професор, книжевен истражувач и поет, Веле Смилевски истакнува дека поводот за „Без повод за поводи“ е самата книжевност – „нејзините естетски дострели, нејзините значења, нејзините пораки“. Според него, ова дело е „резултат на авторовите силно мотивирани и задлабочени естетички, критичко-теоретски и книжевно-историски проникнувања во развојните процеси на современата македонска книжевност“.
„Без повод за поводи“ од Антоновски содржи 23 студии, распоредени во пет целини, поврзани со книжевни, културни и јубилејни контексти од периодот 2021 – 2025 година. Но, иако дел од текстовите произлегуваат од конкретни годишнини, настани и книжевни поводи, книгата не останува во рамките на пригодното. Напротив, поводот овде е само почетна точка за подлабоко, аналитичко и одговорно враќање кон текстот.
Во авторскиот предговор, Антоновски ја формулира основната идеја на книгата со ставот: „Книжевната наука не смее да се движи според календарот. Ако интерпретацијата започне од датумот, таа ризикува да заврши со него.“ Оттука, оваа книга се поставува како спротивност на брзиот пригоден говор: таа не нуди моментна културна реакција, туку продлабочено читање, проверка, споредување, преиспитување и вреднување.
Во книгата се отвораат прашања за почетните точки на современата македонска поезија, за канонските творечки опуси, за односот меѓу традицијата и модерноста, за трансформациите на жанровите, за обликувањето на поетскиот јазик, за книжевната критика, драмата, прозата, есеистиката и за поширокиот книжевен код што ја определува македонската современост.
Особена вредност на „Без повод за поводи“ е насоченоста кон недоистраженото, недоволно актуализираното и маргинализираното во современата македонска книжевност. Дел од студиите разоткриваат помалку познати аспекти од творештвото на значајни македонски автори, а во одделни случаи се потпираат и врз архивски материјали, ракописи и други истражувачки извори преку кои се отвораат нови согледби за книжевното наследство.
Дел од студиите поттикнуваат ревалоризација – ново превреднување на дела и појави што заслужуваат повторно читање. Книгата, со тоа, не е само осврт кон книжевното наследство, туку и активен влог во неговото современо разбирање.
Низ книгата се среќаваат студии за автори, дела и појави од различни генерации и жанровски простори: Коста Солев Рацин, Васил Иљоски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Живко Чинго, Даница Ручигај, Јован Павловски, Горан Стефановски, Санде Стојчевски, Катица Ќулавкова и Раде Силјан. Во фокусот се и теми поврзани со Гоце Делчев во македонскиот драмски код, со браќата Миладиновци преку романескниот лик и книжевната интерпретација на Митра Миладинова, со псевдонимите во македонската книжевност од XIX век, кодификацијата на македонскиот јазик, современата книжевна стварност по постмодернизмот и современите апокрифи во јужнословенските книжевности.
Посебно место во книгата има и обемната студија посветена на младите автори родени во самостојна Македонија.
Со ова издание, „Матица македонска“ во својата јубилејна година објавува книга што не го третира јубилејот како формалност, туку како можност за суштинско враќање кон македонската книжевност. Во време кога културните поводи често траат кратко, „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски потсетува дека вистинската вредност на книжевноста не е во датумот на одбележување, туку во нејзината способност постојано да создава нови читања.
Книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски е достапна во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн.
