Реакција

Муцунски негира дека имал средба со бугарската колешка

12.05.2026 10:05

Преку објава на „Фејсбук“ порача и дека употребата на терминот „северномакедонски“ не соодветствува ниту на дипломатските стандарди, ниту на почитта кон идентитетот на еден народ.

Бугарската министерка за надворешни работи Петрова-Чамова изјави дека во Брисел имала средба со македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски. Очекува Скопје да покаже конкретна политичка волја за придвижување напред во евроинтегративниот процес.

Муцунски негираше дека имал средба со Чамова. Преку објава на „Фејсбук“ порача и дека употребата на терминот „северномакедонски“ не соодветствува ниту на дипломатските стандарди, ниту на почитта кон идентитетот на еден народ.

„Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“. Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит. А, како што ѝ кажав на Велислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“-реагира шефот на дипломатијата, Муцунски.