Даниловски: Поголема закана е нехигиената отколку крузерот
Хантавирусите не се нови, тие се одамна познати на медицината. Сојот што сега е актуелен го нема кај нас, ризик за нашата држава не постои – епидемиологот Даниловски ги смирува граѓаните – нема простор за паника како во ковид пандемијата. Но, тој прати порака и до надлежните – да се справат со преполните контејнери и дивите депонии за да се превенираат зарази.

Нехигиената, лошата урбана средина и неконтролираната популација на глодари претставуваат поголем реален јавноздравствен проблем и ризик од појава на хантавирусот, отколку заразените на крузерот вели за МТВ епидемиологот Даниловски. Особено кога се работи за типот андес вирус кој се шири од човек на човек, дури и каде што тој постои природно, потребен е близок и подолг контакт за да дојде до инфекција, објаснува епидемиологот Даниловски.
Тој апелира до населението да избегнува контакт со отпад од глодари и траги од нив и да се користат маска и ракавици при чистењето.
Хантавирусите не се нови, тие се одамна познати на медицината, најчесто се инфицираат преку вдишување на честички контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодари, во Северна и Јужна Америка тој предизвикува белодробен синдром, додека во Азија, Африка и Европа, вклучително и Балканот, позната е хеморагичната треска со бубрежен синдром.
Фиљана Кока
