Спектакуларно шоу во Скопје за 35 години независност на Македонија
Скопје на 8-ми септември ќе биде домаќин на едно од најголемите музички случувања во регионот. Светската музичка ѕвезда Дејвид Гета ќе настапи на арената „Тодор Проески“ со својот „Full Monolith Stadium Show“, во рамки на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Настанот ќе биде бесплатен за посетителите, со регистрација по симболична цена од 35 денари.

Македонија годинава ќе го одбележи 35-годишниот јубилеј од независноста со голем музички спектакл во Скопје. Организаторот „Авалон“ најави дека на 8-ми септември, на арената „Тодор Проески“, ќе настапи светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета со своето „Full Monolith Stadium Show“.
Според организаторите, станува збор за еден од најмасовните и најспектакуларни европски музички настани оваа година, кој се очекува да привлече повеќе од 50.000 посетители од земјава и регионот.
Од „Авалон“ посочуваат дека турнејата „The Monolith“ веќе е најавена во неколку европски метрополи, меѓу кои Париз, Милано и Амстердам, а скопскиот концерт ќе биде централниот настан по повод Денот на независноста.
Настанот ќе биде бесплатен, но посетителите ќе треба да се регистрираат со симболична уплата од 35 денари, бројка која го симболизира јубилејот – 35 години независност. Ќе може да се резервираат најмногу две влезници по лице, а регистрација ќе биде овозможена и за посетители од странство.
Дополнителни информации за начинот на регистрација, како што најавуваат организаторите, ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.
