Расте бројот на потврдени случаи со хантавирусот
Расте бројот на потврдени случаи со хантавирусот. Откако последните патници го напуштија холандскиот крузер, закотвен на Тенерифе, СЗО смирува – нема никаков простор за загриженост, ситуацијата е целосно под контрола …

Сите патници го напуштија холандскиот крузер закотвен на Тенерифе погоден од хантавирус. Од светската здравствена организација смируваат дека ризикот останува низок, но не ја исклучуваат можноста да има дополнителни позитивни случаи во наредните недели.
„Нема смртни случаи од 2-ри мај, кога СЗО првпат беше информирана за ова. Сите сомнителни и потврдени случаи се изолирани и под строг медицински надзор, со што се минимизира секој ризик од понатамошно пренесување. Во моментов, нема знаци дека гледаме почеток на поголема епидемија“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Досега се потврдени 11 позитивни случаи, вклучувајќи ги и трите починати лица. Патникот со новиот потврден случај на хантавирус бил во карантин во воена болница во Мадрид. Црногорската државјанка, член на екипажот на крузерот е во карантин во Холандија, по евакуацијата и засилените здравствени мерки и контроли. Еден Американец и еден француски државјанин кои претходно се вратиле дома исто така се позитивни на тестот.
„Во текот на ноќта се појавија дополнителни случаи, вклучувајќи еден француски државјанин кој е во болница во Франција во критична состојба, што повторно покажува дека сепак постои ризик од пренос, иако е релативно низок“, изјави Марк Батлер, министер за здравство на Австралија.
Администрацијата на Трамп уверува дека сад го имаат смртоносниот хантавирус „под контрола“ и се „добро подготвени“ да се справат со епидемијата.
„Имавме тим од центарот за контрола и превенција на болести на Тенерифе. Ја имаме ситуацијата под контрола и не сме загрижени“, изјави Роберт Ф. Кенеди, секретар за здравство и социјални услуги на САД.
Тројца патници починаа по патувањето низ Атлантикот, од кои за двајца беше потврдено дека биле заразени со вирусот што го пренесуваат глодари.
Катерина Бојаџиева
