Филков: Со новиот Закон за пробација воспоставуваме праведен систем и поголема заштита на жртвите
Во МАНУ јавна расправа за нацрт-предлог законот за пробација. Очекувањата се со решението да се воспостави поефикасен систем, посилна ресоцијализација и поголема заштита на жртвите…

Проширена надзорна улога на службите за пробација, воведување родова терминологија, индивидуален пристап, единствен регистар за лица на пробациски надзор се само дел од измените на новиот предлог закон за пробација. Како што посочи министерот за правда, Филков, тоа ќе доведе до унапредување на судските одлуки и поголема поврзаност меѓу казнените институции.
Затворите се преполни со престапници на помали кривични дела, а тоа го преоптоварува државниот буџет, вели Пандов. Законот има за цел заштита на заедницата преку ресоцијализација и реинтеграција на сторителите на кривични дела, како и уредување на извршувањето на алтернативни мерки и надзор во заедницата – посочи судијката Груевска Дракуловска.
Нацрт-законот за пробација е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи.
Предлог законот наскоро треба да влезе во собраниска процедура.
Марина Стојанова – Тонева
