Политика

Власта и опозицијата со различна диоптрија за интеграцијата

12.05.2026 17:16

Власта и опозицијата со дијаметрално спротивни позиции за интеграциите и односите со Бугарија. Шефот на дипломатијата Муцунски ја повика Софија да го препознае стратешкиот момент за проширувањето. Лидерот на СДСМ, Филипче го обвини дека ја криел средбата со неговата бугарска колешка и порача – Владата ја држи Македонија во изолација.

Македонија не ја гради својата проевропска ориентација само преку политичка реторика, туку со конкретни политики и вредности што се спроведуваат во општеството, вели шефот на дипломатијата Муцунски. Во интервју за „Јуроњуз“ посочи дека европската интеграција е клучен надворешно-политички механизам за долгорочна стабилност, безбедност и развој на регионот. Дали Македонија може да се сврти кон земји како Русија и Кина поради одложување на членството во ЕУ, Муцунски вели дека членството во Унијата е стратешки приоритет. Очекува Софија да отвори дијалог.

„Она што мислам дека Бугарија мора да го направи е да го препознае стратешкиот момент додека тој сè уште постои. И мислам, се надевам, дека Бугарија ќе ги препознае можностите што постојат и дека ќе отвори дијалог со нас. Не сме подготвени да преговараме за прашања кои се поврзани со нашиот идентитет, нашата национална историја и нашиот јазик. За жал тоа е наратив што е создаден и туркан од Софија“, изјави шефот на дипломатијата Муцунски.

Во опозициската СДСМ, пак, остануваат на ставот дека уставните измени треба да се направат. Филипче е убеден дека средба и разговор меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија имало, и покрај тврдењето на нашиот министер дека станува збор за повеќе куртоазен разговор.

„Вистински интерес за граѓаните е да продолжат реформите и да се отворат преговорите со ЕУ, а тоа се постигнува со уставните измени. И кога велиме дека граѓаните беа манипулирани, тоа го потврдуваат и анкетите. Иако 80 проценти од граѓаните се за ЕУ, многу мал процент се за внесување на Бугарите во Уставот. Зошто, кога тоа не претставува никаков ризик? Зошто, кога тоа никако не го загрозува нашиот македонски идентитет?“, вели лидерот на СДСМ, Филипче.

Власта и опозицијата секој на свој начин ги толкува потезите за евроинтегративниот процес на земјата. Повици за национално обединување пристигнуваат од двете страни, но и тие се во различни форми.

Миле А. Ристески